Фудбал
Кремонезе го шокираше Наполи и го елиминираше, а Елиф Елмас со капитенска лента влезе во историјата (ВИДЕО)
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас од прва минута го почна мечот со Кремонеце во осминафиналето на Купот на Италија. Тој ја доби честа да ја носи капитенската лента на Наполи, за прв пат во својата кариера, со што влезе во историјата на овој клуб како втор најмлад фудбалер кој ја носел капитенската лента по Лоренцо Инсиње. Елмас ја доби лентата од тренерот Лучијано Спалети на 23-годишна возраст. Инсиње исто така на 23 години првпат ја носеше капитенската лента на Наполи, но неколку месеци беше помлад од Елмас.
За жал, Елмас и неговите соиграчи немаа причини за радост. Имено, Наполи беше шокиран и елиминиран од Кремонезе по изведувањето на пенали.
Кремонезе прв поведе во 18-та минута преку Пикел. Наполи прави пресврт за три минути, преку Жезус во 33-та и Симеоне во 36-та. Овој резултат остана актуелен се до 87-та минута кога Афена Гјан постигна убав гол со глава за шок во Неапол.
Во продолженијата немаше голови, а имаше исклучување кај Кремонезе, откако во 100-та минута втор жолт заработи Серникола. Ниту ова Наполи не го искористи, па мораше да се изведуваат пенали. Таму, кај Кремонезе погодија сите, а кај Наполи прецизни беа исто така сите, освен Лоботка, па поради тоа доживеаја елиминација.