Фудбал
Култниот клуб на работ на провалија: Легендата им порачува на најдобрите играчи да не ги продолжуваат договорите
Пред две децении беа еден од најдобрите европски клубови со две последователни финалиња во Лигата на шампионите, а подоцна го освоија Купот на УЕФА, денес тргнуваат кон бездната.
Тоа е кратко резиме на она што се случува во Валенсија, култен шпански клуб кој некако успева да врзе крај со крај во последните години.
Ситуацијата на Местаља е далеку од идеална, а најдобро сведочи изјавата на Сантијаго Канизарес, поранешен голман кој јавно им порачува на најдобрите играчи да не ги продолжуваат договорите.
Карлос Солер и Хозе Гаја секогаш покажувале голема почит кон дресот, додека Валенсија допрва треба да им ја понуди вистинската понуда за останување.
„Десет години играв за Валенсија, таму ги поминав најдобрите години во кариерата, сè уште живеам во Валенсија, таму се родени шест мои деца, но им порачувам да не ги продолжуваат договорите и да не останат“, рече Канизарес.
„Нека кажат дека треба да ги заштитат своите интереси и да најдат клуб кој работи подобро и каде играчите се чувствуваат поудобно и каде што сè изгледа попрофесионално“.
„Зошто да останеме во Валенсија со спортски директор за кој не знаеме дека постои. Тој никогаш ништо не кажува, не го знаеме ни неговото име. Ги прашувате навивачите кој е спортски директор, никој не знае“.
„Гаја и Солер се поголеми клупски легенди од нас кои освоиме трофеи. Ако решат да останат, тоа е најдобар доказ за нивната дарежливост“, заклучи Канизарес.
Гаја, одличен лев бек, седум години е член на првиот тим на Валенсија, додека Солер во последните четири години играше за првиот тим на лилјаците. И двајцата пораснаа во овој клуб.
Навивачите на поранешниот шампион на Шпанија веќе подолго време бараат заминување на Петер Лим, но се уште нема промени. Валенсија по воведниот дел од сезоната е на средината на табелата со 17 бодови.