Connect with us

Фудбал

Летаат откази во ФФМ, сменети неколку селектори!

ФФМ одржа Управен одбор на кој е одлучено да се врачат откази на неколку селектори на младинските фудбалски репрезентации.

Горан Станиќ е назначен за селектор на македонската репрезентација до 21 година. Станиќ е актуелен тренер на ФК Работнички – делба на првото место по првиот дел од тековната сезона во МФЛ и поранешен селектор на младинските репрезентации до 17 и 19 години – пласман во Елитна фаза квалификации 2017 (МКД до 17)  и 2019 година (МКД до 19). На Европското првенство – ЕУРО 2020 беше дел од стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија.

Од позицијата селектор во македонската репрезентација до 21 година, Управниот одбор на ФФМ го разреши Драги Канатларовски кој од 2021 година беше предводник на Македонија до 21 година. Низата лоши резултати на младинската селекција се главната причина за разрешувањето на Канатларовски.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за разрешување на селекторите на македонските младински репрезентации.

Вујадин Станојковиќ е разрешен од позицијата селектор на Македонија до 19 години, генерација – 2006. Под водство на Станојковиќ во 2024 година, Македонија не запиша победа во квалификациите. Оствари три победи на пријателски натпревари, три нерешени резултати и четири порази.

Раде Каранфиловски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 17 години, генерација 2008. Три победи, десет порази и еден нерешен резултат во 2024 година.

Драган Начевски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 16 години, генерација 2009. Три победи, шест порази и еден нерешен резултат на пријателски натпревари.

Исени Иљами е разрешен од позиција селектор на Македонија до 15 години, генерација 2010.  Три победи и три порази на контролни натпревари во 2024 година.

Управниот одбор на ФФМ, единствено го продолжи договорот со селекторот на Македонија до 18 години, Ерхан Селими. Селими допрва го почнува мандатот на клупата на македонската селекција до 18 години. Досега нема собир со генерацијата  2007.

На 12. јануари 2025 година на предлог на Горан Пандев – директор на Национални репрезентации и Ѓорги Христов – технички директор ќе бидат доставени предлог имиња за нови селектори на младинските репрезентации.