Connect with us

Фудбал

Ливерпул се приближува до клупски рекорд, на Клоп му е сеедно

Ливерпул, 27 септември 2020 (МИА) – Ливерпул се доближува до клупскиот рекорд од 63 натпревари без пораз пред својата публика, поставен помеѓу 1978-81 година. Екипата последен пат загуби на домашен терен од Кристал Палас со 1:2 во април 2017 година. 60-те последователни натпревари без пораз на „Енфилд“ ќе ги стави на тест оживеаниот Арсенал во понеделник.

Сепак, импресивната статистика не го допира Јирген Клоп.

– Единствено кога помислувам на оваа бројка е кога некој ќе ме праша за тоа и штом ќе одговорам на прашањето, веднаш го заборавам затоа што воопшто не ми е гајле. Ние се обидуваме да победиме на фудбалски натпревари и тоа го правивме дома при различни околности – вечер, ручек, со обожаватели, без обожаватели. Ова е нашиот дом и се чувствуваме многу добро, но не постои таен рецепт – никогаш не очекуваме да изгубиме, но не очекуваме да победиме. Ние само знаеме дека треба да работиме напорно и сакаме да освоиме три поени, тоа е она што го сакаме. Тоа е искрено кажано, започна тој.

Клоп верува дека е рано да се зборува за претенденти за титулата во Англија.

– Не разбирам зошто зборуваме за освојување на шампионската титула по две кола. Многу пати борбата е отворена. Челси ќе биде таму 100%, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Тотенхем – овие тимови секогаш ќе бидат таму. Потоа има тешки моменти за нас и за другите во сезона и се зависи од тоа како ќе реагираме. Сезоната не е спринт, туку маратон и мора да поминете низ многу тешки моменти. Не знам кој ќе ја освои титулата на крајот од сезоната, но знам дека неколку тимови ќе се обидат и ние ќе бидеме еден од нив, заклучи Клоп.