Фудбал
ЛШ: Во продажба 1.700 влезници за финалето во Порто
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) пушти денеска во продажба вкупно 1.700 влезници за „англиското“ финале во Лигата на шампиони (ЛШ) меѓу Манчестер сити и Челзи, што в сабота ќе се игра во Порто.
Цените на билетите се движат од 70 до 600 евра, а едно лице ќе може да купи најмногу две влезници.
УЕФА претходно на двата финалисти им подели по 6.000 влезници за нивните навивачи, со што вкупниот број гледачи на стадионот „Драгао“ ќе изнесува 13.700.
Навивачите ќе можат да влезат на стадионот доколку се вакцинирани со две дози против коронавирус и со задолжителен ПЦР тест не постар од 72 часа пред одигрување на финалето.
Португалија втора година по ред во услови на пандемија на Ковид-19 ќе биде домаќин на финалето во ЛШ. Минатата сезона финалниот натпревар се одигра во Лисабон, а сезонава Порто го замени Истанбул поради влошената епидемиолошка состојба со вирусот во Турција.