Connect with us

Кошарка

Македонија поразена од Швајцарија, но останува прва во групата

Македонската кошаркарска репрезентација претрпе пораз од Швајцарија со 85:79 на гостувањето во Фрибург на последниот натпревар од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година.

Македонските кошаркари досега во групата имаа максимални три победи и посакуваа со триумф да го потврдат првото место, но и покрај овој пораз првичната цел е остварена, односно пласман во следната квалификациска рунда.

Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков лошо го почнаа натпреварот и по неколку минути игра Швајцарија направи предност од девет поени.

Иако, во втората четвртина македонските кошаркари успеаја да се консолидираат, сепак Швајцарците не дозволија да ја загубат предноста.

На полувреме Швајцарија замина со водство од 47:42.

И во второто полувреме швајцарските кошаркари ја одржуваа предноста до половината на последната четвртина кога израмнивме на 74:74. Но, Швајцарците повторно успеаја да го диктираат резултатот до самиот крај, а македонските кошаркари не реализираа два напади во финишот на натпреварот и домаќините триумфираа со резултат 85:79.

На првиот меѓусебен натпревар во Скопје, Македонија победи со 83:68.