Фудбал
Мбапе го собори Ремс со два гола, Меси конечно дебитираше за ПСЖ
ПСЖ вечерва го победи Ремс со 2:0 на гости на крилата на Килијан Мбапе, а Лионел Меси го одигра и својот прв натпревар за клубот од Париз.
Меси се најде во составот на ПСЖ за прв пат по пристигнувањето од Барселона, но Маурисио Покетино одлучи да го остави својот сонародник на клупата.
ПСЖ одлично го отвори вечерашниот натпревар и успеа да поведе во 16. минута кога Ди Марија упати одличен центаршут, а одличен гол со глава за 1:0 постигна Мбапе.
Ремс ја имаше првата шанса на натпреварот во 42. минута кога Касама се обиде од врвот на шеснаесетникот, но стативата ги спаси Парижаните.
Домашниот тим успеа да израмни на 1:1 со голот на Мунети во 51. минута, но судијата го поништи овој гол по помошта од ВАР собата бидејќи играчот на Ремс беше во офсајд.
ПСЖ го реши прашањето за победникот на овој натпревар во 63. минута. Гостите одиграа фантастична контра, Хакими од десната страна и ја уфрли топката во шеснаесетникот, а тука беше и Мбапе кој погоди за 2:0.
Само една минута подоцна Покетино одлучи да го повика Меси од загревањето. Аргентинецот влезе на теренот наместо Нејмар и доби овации од навивачите на двата клуба во Ремс.
Меси имаше неколку забележителни акции до крајот на натпреварот, но не успеа да се запише во листата на стрелците.
ПСЖ на крајот ја задржа предноста и славеше со 2:0. Парижаните се на првото место со максимални 12 бода од четири натпревари, додека Ремс е на 17. позиција со три освоени бода.