Connect with us

Фудбал

Мбапе ја пропушти Германија поради повреда, ќе биде подготвен за ЛШ

Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе го пропушти пријателскиот натпревар меѓу Франција и Германија, кој се играше во Дортмунд, поради повреда на коленото, пренесуваат француските медиуми.

Германија победи со 2:1, а единствениот гол за Франција го постигна Антоан Гризман. Француските медиуми пренесуваат дека Мбапе треба да се опорави до крајот на неделата.

„Мбапе има проблем со повреда на коленото. Иако се работи за полесна повреда, таа му прави проблеми. Не сакавме да ризикуваме“, изјави селекторот на Франција, Дидие Дешамп.

Француските медиуми пренесуваат дека стручниот штаб на Пари Сен Жермен очекува најдобриот играч на „светците“ да закрепне до крајот на неделата.

Мбапе би можел да го пропушти натпреварот од следното коло на францускиот шампионат против Ница, но сигурно ќе биде подготвен за дуелот од првото коло во Лигата на шампионите со Борусија Дортмунд, кој ќе се одигра во вторник во Париз.