Фудбал
Мбапе призна: Размислував да не играм повеќе за Франција
Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе не е задоволен од начинот на кој беше третиран за време на Европското првенство.
Мбапе навистина потфрли на ЕП 2020, но верува дека му се стави огромен товар и му беше тешко откако промаши пенал против Швајцарија во осминафиналето, по што неговата репрезентација беше исфрлена.
Во обемното интервју објавено во Л’Екип, Мбапе рече:
„Никогаш не сум зел ниту едно евро за да играм за француската репрезентација и секогаш ќе играм бесплатно за мојата репрезентација. Пред се, никогаш не сакав да бидам проблем. Потоа дојде моментот кога почувствував дека почнав да имам проблем и дека луѓето сметаат дека јас сум проблемот. Чувствував дека можеби јас сум виновен за неуспехот и дека тие ќе победеа без мене. Најважна е француската репрезентација, и ако француската репрезентација е посреќна без мене, јас ќе заминам“.
„Се сретнав со претседателот (Ноел Ле Грат) и разговаравме за тоа. Она за што се пожалив беше дека бев навреден и наречен „мајмун“ затоа што промашив пенал. Мојата најголема казна е што промашив“.
Тој признава дека промашениот пенал е всушност најтешкиот момент во неговата кариера и посочува дека можеби успеал да добие поголема поддршка од своите соиграчи.
Мбапе тогаш рече дека сега се е минато и дека чека нови предизвици во дресот на Франција со многу оптимизам.