Connect with us

Ракомет

Металург стартува со подготвиките за пролетниот дел од сезоната

Македонскиот ракометен вицешампион Металург денеска ги стартува подготовките за пролетниот дел од сезонта во рамките на која ќе ги доврши натпреварите во СЕХА-лигата и ќе ги започне борбите во националното првенство и во националниот Куп. Првиот тренинг е закажан со почеток во 9.30 часот, а ќе се тренира во салата во Автокоманда. Првите два дена се предвидени за тестирања и за воведни тренинзи, а централниот дел од подготовките е француската турнеја, во рамките на која Металург ќе настапи на турнирот во Гренобл, а ќе одигра и три пријателски средби со екипи од најсилната француска лига.

Во Гренобл, Металург ќе настапи на престижниот турнир “Мастер Гренобл“, заедно со домаќинот, со шпанската Бидасоа Ирун, моментално второпласирана во Асобал-лигата, како и со францускиот Истра. Турнирот ќе се одигра на 19 и 20 јануари. Првиот ден ќе се одиграат двете полуфинални средби, а следниот ден натпреварот за третото место и финалето.

По овој турнир, во периодот од 22 до 24 јануари, Металург ќе одигра три пријателски средби на кои ќе ги измери силите со француските екипи Екс Прованс, Ним и Ст. Рафаел. Првиот официјален натпревар на Металург во 2019 година е закажан на 2 февруари, со почеток во 18 часот, кога во рамките на 14. коло на СЕХА-лигата во Скопје ќе ја дочекаме екипата на ППД Загреб.