Фудбал
Милан ја почна 2023-та со победа, противникот „решен“ за 15 минути, вечерва е дербито (ВИДЕО)
Возбудувањата се вратија во Серија А. По паузата поради СП во Катар, од денеска ширум терените во Италија се игра фудбал. На првиот меч Милан како гостин ја совлада Салернитана со 2:1. За 15 минути гостите од Милано го решија мечот во своја корист. Во 10-та минута погоди Леао, а пет минути подоцна во листата на стрелците се запиша и Тонали.
Домаќините преку Бонацоли во 83-тата минута само постигнаа почесен погодок.
На вториот меч, Сампдорија со идентични 2:1 исто така како гости славеа кај Сасуоло.
По 14:30 часот играат Специја-Аталанта и Торино – Верона. Во терминот од 16:30 се среќаваат Рома-Болоња, Лече – Лацио, од 18:30 Кремонезе е домаќин на Јувентус, а Фиорентина е домаќин на Монца. Во вечерниот термин од 20:45 часот на програмата е дербито на колото Интер-Наполи, а во истиот термин Удинезе ќе го пречека Емполи.