Connect with us

Фудбал

Милевски: Во оваа група до финишот нема да се знае кој ќе биде на второто место

Македонската репрезентација одигра 0:0 против Романија. Ова е трето реми по ред за нашата репрезентација, претходно одигравме 2:2 со Исланд и 0:0 Ерменија.

По крајот на натпреварот, селекторот на Македонија, Благоја Милевски на прес-конференцијата истакна дека фудбалерите го дадоа максимумот и дека одиграа натпревар кој беше задоволство да се гледа.

„Без разлика на се, Македонија што покажа во овие три меча, во историјата ваков фудбал нема одиграно. Без разлика за се што се говори за реализацијата. Немам ниедна замерка за ниту еден фудбалер. Не само што сите го дадоа максимумот, туку одиграа фудбал кој е задволство да се гледа, барем од моја гледна точка. Секоја чест за момците, а тоа што немавме реализација – имавме безброј ситуации каде во момент еден на еден тој дел од секундата недостасуваше. Но и не сме кажале досега вакво нешто, ама срамота е да се играат вакви натпревари на ваков терен.

Честитки и за Романија за настапот. Шансите за тоа второ место нема потреба да се говори за нив сега, затоа што има уште четири меча до крај. Во оваа група до финишот нема да се знае кој ќе биде на второто место. Секој нареден натпревар треба да ни биде најважен, а за она како ќе се завршат овие квалификации, мислам дека до последно коло со мечот против Исланд нема да се знае кој ќе оди во бараж. Благодарност и до публиката за поддршката“, изјави Милевски по натпреварот.

Квалификациите за СП во Катар 2022. година Македонија ги продолжува во октомври. На 8 октомври нашата репрезентација ќе гостува кај Лихтенштајн, додека на 11 октомври во Скопје доаѓа лидерот на табелата Германија.