Фудбал
Мурињо по заминувањето на Фарија нема да назначи нов асистент
Тренерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, соопшти дека нема да назначи нов асистент по заминувањето на неговиот долгогодишен соработник Руи Фарија.
– Стручниот штаб ќе го организирам на начин да не постои позиција асистент. Ќе бидат ангажирани тренери кои се специјализирани за одредени области, ќе има аналитичари, но нема да постои помошник на тренерот во таа смисла. Никој не може по 17 години да го замени Фарија, истакна Мурињо.
Тој ги отфрли гласините дека на позицијата на Фaрија ќе биде именуван фудбалерот Мајкл Керик, кој на крајот од сезоната ја завршува активната играчка кариера и ќе се приклучи на тренерскиот тим.
– Луѓето мислат дека тоа е лесно, еден ден си играч, а другиот си веќе тренер. Но, не е тоа така, истакна тренерот на Јунајтед.
Во англиските медиуми Фарија се посочува како еден од можните наследници на Арсен Венгер на клупата на Арсенал, за што тој доби поддршка и од Мурињо кој смета дека неговиот асистент има професионален капацитет да ја извршува функцијата.