Connect with us

Кошарка

МЗТ Скопје со пораз ја заврши 2018 година

По три победи во низа во АБА 2 лигата, кошаркарите на МЗТ Скопје загубија на гостувањето кај Борац од Чачак со 79:74, во рамки на 13 коло од регионалното натпреварување, меч кој воедно беше последен за 2018 година.

Тимот од Аеродром беше во поволна позиција за бележење на уште еден триумф се до средината од третиот период, кога нагло падна и му дозволи на противникот да направи пресврт, кој потоа беше преточен и во сигурна победа. Сино-белите водеа со 59:54 во 26 минута од дуелот, но тогаш домаќинот направи серија 14:2 со која прво дојде до плус седум (68:61), а потоа и до двоцифрена предност (77:66), која им ги осигура бодовите.

Најефикасен кај македонскиот претставник беше Иве Иванов со 25 поени и осум скокови и Андрија Бојиќ со 22 коша и седум скока.

И покрај поразот, тимот од „Јане Сандански“ останува на второто место на табелата со учинок 9-4. МЗТ Скопје следниот меч ќе го одигра на трети јануари и тоа на домашен терен против лидерот на табелата, екипата на Приморска.