Connect with us

Други спортови

На ЕП нема да одиме со бело знаме туку да се надигруваме и со најсилните

Многупати досега финансиите се покажаа како еден од клучните фактори кога во прашање се спортските успеси на македонските репрезентации. Некаде помалку, а некаде повеќе, државата знаеше како дополнително да ги мотивира репрезентативците на големите натпреварувања, на кои често главните актери носеа голема радост кај македонската јавност.

Но, малку подзаборавени се секако одбојкарите, кои речиси и да не добија никаква финансиска инјекција до сега, иако од година во година бележат се подобри и подобри резултати. По трите сребрени медали од Европската лига, овој пат ја израдуваа спортската јавност со историски пласман на Европско првенство, кое ќе се одржи во септември годинава, а противниците ќе бидат познати по утрешната ждрепка.

„Спартанците” на трите завршни турнири од Европската лига поради недостиг на финансии мораа да патуваат со автобуси. Но, изгорени од желбата за успех не одбираа средства за да отпатуваат и од таму да се вратат со медал. Сепак, овој пат се надеваат и цврсто веруваат дека државата ќе застане зад нив и воедно ќе им овозможи да се почувствуваат како современа одбојкарска репрезентација на која ништо нема да и недостасува. Еден од нив е и либерото, Дарко Ангеловски, кој во интервју за „ВЕЧЕР”, меѓу другото, ги откри своите почетоци во кариерата, очекувања од големиот спортски настан кој следува, ситуацијата од Арагона која остави „црна дамка” во одбојката, како и многу интересни детали кога во прашање е овој спорт.

Од каде љубов кон одбојката?
Се заљубив многу случајно во овој спорт. Гледав девојчиња како тренираа и ми стана интересно. Си велев: „Дај да се обидам да играм, да видам како е”. Почнав да тренирам со девојчиња во едно училиште. Ми се допадна, па продолжив со тренинзи во Вардар. Таму играв за првиот тим со повозрасни одбојкари и некако почна да ми лежи овој спорт. Тренерот ми даваше топки и се поинтензивно тренирав, па следуваа и настапи за тимот. Сето ова се случи пред 8-9 години. Во 2010 година почнав да играм и во првата македонска лига. Потоа настапив за кадетската репрезентација, па потоа и за младинската селекција. Дојде време кога ме викнаа на меѓународниот турнир – Чајка, каде што настапував за сениорската Б-репрезентација, што всушност беше мое прво појавување во оваа категорија. На овој турнир многумина, меѓу кои и федерацијата, ме забележаа, видоа дека вредам и имам квалитет за настап во А – репрезентацијата. Тоа беа моите почетоци, а во 2012 година бев дел од селекцијата и на првите квалификациски натпревари за сениорите.

По одличниот шестмесечен квалификациски циклус, ве очекува дебитантското ЕП. Кои се твоите очекувања од овој голем настан?
Тоа ќе биде нешто ново за сите нас. Можеби ќе не гледаат како аутсајдери, но ние нема да излеземе со бело знаме и сигурен сум дека ќе го дадеме максимумот за да се прикажеме во најдобро светло. Прво, сите ние репрезентативците, ќе се обидеме на најдобар можен начин да ја завршиме сезонава на клупски план и воедно да ја подигнеме формата на едно повисоко ниво, а потоа не очекуваат и пријателски натпревари со репрезентацијата на кои ќе видиме до каде е нашиот капацитет. Евидентно е дека ќе биде многу интересно кога ќе дојде денот за настап на големиот континентален собир, а искрено очекувам дека ќе освоиме и бодови, но кој и да ни падне во групата ќе важи за апсолутен фаворит. Сепак, ова е прво првенство за нас, нешто ново, нешто досега непочувствувано, против селекции кои се на самиот врв и кои вложуваат многу повеќе во овој спорт. Сепак, нашата мотивација и срцето кое ќе го оставиме на терен ќе покажеме дека не случајно сме дел од најголемиот континентален собир во Европа.

Кој од големите гиганти би посакал да биде во нашата група на ЕП?
Имам играно против најдобрата репрезентација на Србија. Исто така игравме и против Португалија, Словенија, Полска, па затоа, нека падне кој сака, ние одиме да се надмудруваме против секого. Ова се многу моќни селекции, но јас верувам во изненадувања со оглед на нашиот квалитет кој го имаме. Зошто да не, па и да се пласираме во следната фаза.

Твојата позиција е можеби најнеблагодарна, но според статистичките показатели често пати либерото е клуч за победа на натпреварот?
Точно така. Сите го следат тој што смечува и што поентира, но јас сум тој кој му ја создава акцијата, кој му ја мести топката на „тацна”. Мојата позиција е најчувствителна во тимот, бидејќи често се случува при пораз главен виновник да биде токму либерото. Сигурно сте забележале дека шансите кои се создаваме на натпреварот ги почнувам јас, зафаќам поголем дел од теренот за да им овозможам лесна реализација на поените. Мојата улога е да ги примам топките и затоа важам како одбранбен играч.

До сега си бил во различни ситуации, различни случувања. Кој момент во твојата кариера секогаш ќе остане во твоите мисли?
Имам повеќе такви моменти. Едниот ми се случи пред само неколку дена при победата над Унгарија и пласманот на Европското првенство. Верувам дека тие моменти на сите одбојкари и мои колеги ќе им останат во сеќавањата цел живот. Втор таков момент е освојувањето на сребрениот медал во Евролигата, кој за нас беше како злато. Тоа беше на Ф4 во Европската лига која се одржа во Валвик, каде што Естонија ја прегазивме во полуфинале и воедно и се одмаздивме за поразите во групната фаза, а потоа Словенија не „тресна” од земја во финалето. Но, повторувам, тоа ни беше како злато, бидејќи по полуфиналната победа, одбојкарите на Естонија не знаеја каде е соблекувалната и излезот од арената. Има многу ситуации, меѓу кои и мотивациските говори на селекторите. Имено, Матијашевиќ пред почетокот на мечот против Унгарија, ни одржа вистинска лекција дека не треба да гледаме кон резултатите на другите селекции (мислејќи на оние кои одлучуваа околу пласманот на нашата селекција), туку ни даваше совети дека ние треба цврсто да веруваме во победа над противникот, а потоа коцките ќе ни се наместат. Така и се случи. Излеговме на терен и буквално, жаргонски кажано, „ги утепавме” Унгарците, им покажавме дека на домашен терен сме премногу моќни, а потоа среќата ни се насмевна со останатите резултати.

Кога не би бил одбојкар, што би бил?
Уф, сигурно би бил ракометар, и тоа некој среден бек, можеби на местото на Филип Миркуловски. Сметам дека соодветно ќе го заменам (се смее).

Што ќе им порачаш на младите кои се гледаат како ваши наследници во репрезентацијата?
Морам да кажам дека многу мал дел од младината го бира овој спорт за тренирање. Едноставно многу малку се инвестира во одбојката во нашата држава. Многумина не го гледаат како спорт од кој би профитирале, за разлика од ракометот, кој константно е на Европско или Светско првенство. Исто така и кошаркарите полека, но сигурно се враќаат онаму кај што припаѓаат, во елитното друштво. Но, јас ќе им порачам дека поголеми шанси за успех имаат преку овој спорт отколку преку некој друг, па сите кои некогаш помислиле да тренираат одбојка, слободно нека го направат првиот чекор и со малку повеќе труд, ќе успеат да дојдат и до место во репрезентацијата.

Што се е потребно за одбојката во нашата држава да се поткрене на едно повисоко ниво?
До сега добивме многу мала помош од државата кога во прашање е финансиската ситуација. Со оглед на историскиот пласман на ЕП, се надеваме во иднина ќе имаме далеку поголема финансиска инјекција од нивна страна. Ако континенталното првенство е прво големо натпреварување во Европа, тогаш Европската лига е второ, а ние токму таму освоивме три сребрени медали, што е за респект, но секогаш имавме финансиски недостаток. Постојано патувавме со автобус од трета класа, што не беше случај со останатите репрезентации кои пристигнуваа на Ф4 со чартер – летови. Државата ретко не поддржуваше, многу малку помага во федерацијата, за разлика од ракометарите, кои сметам дека се далеку подобро финансирани и за време на квалификациските натпревари, како и за настаните на кои натпреваруваат. Истото важи и за кошаркарите. Но, повторувам, се надевам дека по овој историски пласман, државата ќе не препознае и ќе ни овозможи да се чувствуваме финансиски покомотни, пред се околу превоз и стипендии кои навистина ги заслужуваме, било да се еднократни или повеќекратни. Нели, и ние сме деца на оваа татковина.

Што точно се случи на Медитеранските игри во Тарагона, каде што предвреме бевте депортирани поради „несоодветно однесување”?
Дел од членовите од нашиот Олимписки комитет велеа дека сме се однесувале непристојно, односно дека сме се опивале, сме се капеле во базен, сме кршеле инвентар, штета сме направиле околу 50.000 евра, што не е вистина. Исто така не убедуваа дека другите репрезентации се жалеле од нас, но за ништо од ова споменатото немаа докази. За тоа јасно говори обезбедувањето кое ниту еднаш не дојде да не опомене за нешто од наведено. Главниот на олимпискиот комитет, што е и поранешен одбојкар, не сакам ниту името да му го споменам (се мисли на Спортскиот директор на МОК – Владимир Богоевски), наместо да не заштити на некој начин, бидејќи не правевме никакви недозволени работи, тој не нападна и не исфрли од натпреварувањето. По се изгледа како да сака со него да започне и со него да заврши одбојката во нашата држава. Исто така не сакаме да навлегуваме во работи кои тие ги правеа на Игрите, а сепак ние ги премолчивме во јавноста. Искрено, не сакаме да влагаме во војна со нив, но јавноста сакаме да знае дека глупостите кои ни ги накалемија, не беа вистинити. Сепак, ние како одбојкарска репрезентација нема да дозволиме некои како нив да ни го оцрнат образот. Сега, ние „проблематичните” сакаме јавно да ни одговорат тие што не депортираа: Дали ќе сакаат да дојдат „да не бодрат” на Европското првенство во одбојка? Но, доколку дојде до тоа, сметам дека нашата федерација ќе застане во заштита на репрезентативците и нема да дозволи да отпатуваат со нас. Сакам да видам дали ние „проблематичните” ќе направиме „нов екцес” на ЕП во септември. Искрено, не знам која им беше целта за толку да не понижат, но знајте дека тоа е најголемата црна дамка која се случи во мојата кариера, а верувам и во кариерата на сите македонски репрезентативци. Ние бевме тие амбасадори кои дадовме се на теренот, но за жал во Тарагона бевме исфрлени како кучиња. Ние сме доволно возрасни, знаеме што правиме, па затоа сме изненадени од нивниот однос. Но, едно нека знаат, ние ќе бидеме првите одбојкари кои ќе играат на едно ЕП.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ