Connect with us

Други спортови

Надал ќе се врати на тенисот по пауза од една година

Рафаел Надал би можел да се врати на терените на почетокот на следната година на Австралија опен, изјави неговиот вујко и директор на неговата тениска академија Тони Надал за шпанските медиуми. Сега 37-годишниот Шпанец е на пауза од јануари, откако го повреди мускулот на левата нога во Мелбурн.

Последниот меч Надал го одигра на 18 јануари, во второто коло на Австралија опен, кога во три сета беше поразен од Американецот Мекензи Мекдоналд. Пред неколку месеци тој најави дека 2024 година ќе биде година на неговото пензионирање поради низа повреди, но не се осмели да каже на кои турнири ќе игра, како и точниот датум на враќање на терените.

„Рафа е добро, се уште се опоравува. Закрепнувањето оди според планот и засега нема никакви проблеми. Рафа тренира на терените на неговата академија во Мајорка и го чека почетокот на следната сезона. Ако се биде како што треба, тој треба да се врати на теренот на Австралија опен во 2024 година. Тоа е негова желба“, потенцира Тони Надал.

Станува збор за амбициозна спортска цел, велат медиумите, бидејќи во последните месеци се шпекулира за можноста Рафаел Надал следната година да игра само на Ролан Гарос – неговиот омилен турнир – и на Олимписките игри во Париз во 2024 година. Надал во кариерата освои 22 Грен слем турнири.