Фудбал
Нагелсман: Имаме потенцијал да го достигнеме нивото на Баерн и Дортмунд
Лајпциг, 16 септември 2020 (МИА) – Главниот тренер на РБ (Лајпциг) Јулијан Нагелсман е оптимист за новата сезона и сака неговите играчи да ја вложат целата своја енергија од почетокот на кампањата. Екипата започнува во Бундеслигата следната недела како домаќин на Мајнц 05.
– Ако завршиме на 5-то или 6-то место во новата сезона, тоа ќе биде разочарувачко за сите нас, рече тој за „Мителдојче цајтунг“.
Но, во исто време, 33-годишниот тренер верува дека на неговиот тим ќе му биде многу тешко да се избори за титулата.
– Сосема е можно да имате големи флуктуации во перформансите ако играте со млада екипа. Многу поени ќе бидат изгубени и тоа ќе го отежне искачувањето на врвот, објаснува Нагелсман.
Другата работа што тој ја забележува е дека е потребно време да се развие потенцијалот на тимот до нивото на Баерн (Минхен) и Борусија (Дортмунд), кои имаат доста искусни играчи.
– Со сета почит, но Роберт Левандовски нема потреба повеќе да тренира. Тој може да стори сé. Тој треба да тренира само доволно за да биде свеж и да биде во врвот на својата форма за време на викендот, прокоментира младиот стручњак за напаѓачот на Баварците.
РБ Лајпциг заврши на третото место минатата сезона во Бундес-лигата, дури и водеше во пласманот на полусезоната. Потоа „биковите“ се пласираа и во полуфиналето од Лигата на шампионите.