Фудбал
Најдоброто трансфер лето за Манчестер Сити
Тоа секако беше најуспешното трансфер лето на менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола од неговото доаѓање на „Етихад“ во 2016 година. Во моментов трансфер салдото на клубот е позитивно, „Граѓаните“ имаат 51 милион евра добивка од трансфери и по трансферите на Ерлинг Холанд и Калвин Филипс.
Несомнено, најголемиот трансфер удар на Гвардиола беше оној на Ерлинг Холанд, кој во Манчестер Сити дојде од Борусија Дортмунд за 60 милиони евра.
Хосеп Гвардиола отсекогаш сакал да има силен состав во кој има директна конкуренција на секоја позиција, поради што го доведе англискиот репрезентативец Калвин Филипс. Тој се пресели на „Етихад“ од Лидс за сума од 48,9 милиони евра. Исто така во тимот се приклучија и голманот на Арминија Билефелд, Стефан Ортега како слободен играч и Хулијан Алварез, кој беше купен од Ривер Плата во јануарскиот преоден рок, но ја заврши сезоната во Аргентина на позајмица.
„Граѓаните“ летово беа исклучително активни и во однос на излезните трансфери. Големата ѕвезда Рахим Стерлинг се пресели во Челзи за 56,2 милиони евра, станувајќи дел од проектот на новиот сопственик на „сините“ Тод Боели.
Манчестер Сити продаде двајца свои играчи на Арсенал – Габриел Жесус и Александар Зинченко. Двајцата ги чинеа „топчиите“ 87,2 милиони евра. Бразилецот остави исклучително голем впечаток на претсезонскиот тренинг на „топчиите“.
Уште еден кој го напушти тимот е десниот бек Педро Поро, чии права ги купи Спортинг Лисабон за 8,5 милиони евра. Шпанецот изминатата кампања ја одигра како позајмен во португалскиот гигант. Ко Итакура се пресели во Борусија Менхенгладбах по силните настапи во Шалке додека беше позајмен таму во Втората Бундес лига. Неговата трансфер вредност е 5 милиони евра. Последен што си замина од Мен Сити е голманот Аријанет Муриќ, кој за сума од 3 милиони евра се пресели во тимот на легендата на „граѓаните“ Винсент Компани – Барнли.
Билансот покажува дека Манчестер Сити за своите нови засилувања потрошил вкупно 108,9 милиони евра. А во клупската каса влезе сума од 159,9 милиони. Со ова клубот има профит од 51 милион евра.