Ракомет
Охрид во историско финале, го чека подобриот од дуелот Алкалоид-Вардар
Ракометарите на Охрид изборија историско финале во Купот на Македонија откако во првото полуфинале го совладаа првакот Еурофарм Пелистер со 26:19. Охриѓани во кус временски период по втор пат слават победа на Е.Пелистер, а ова им е прво финале во куп натпреварувањето.
Прашањето на победникот беше решено во првиот дел кога Охрид благодарение на одличната одбрана на противникот му дозволи да постигне само седум голови и водеше со 13:7. Во вториот дел предноста се зголемуваше и на 15 минути до крајот на дуелот беше +10 за Охрид (21:11). Битолчани успеаја да се вратат резултатски со серија од 4-0, но тоа беше што сторија.
Томислав Јагуриновски и Дарко Ѓукиќ постигнаа по 5 голови кај победникот, додека најефикасен на дуелот беше Филип Кузмановски кај Е.Пелистер со 9.
Во второто полуфинале кое почнува во 20 часот играат Алкалоид и бранителот на пехарот Вардар.
Утре на програмата се женските полуфинални дуели, а финалните натпревари се играа в недела – женското од 17 часот, а машкото од 20 часот