Фудбал
Не се тепавме, но си кажавме се што имаме-Азар за пишувањата дека Лукаку спречил тепачка во тимот
Еден Азар и Тибо Куртоа се појавија пред медиумите на прес конференцијата во пресрет на мечот со Хрватска, кој се игра во четврток. Медиумите во Белгија објавија дека по поразот од Мароко настанал хаос во репрезентацијата, а Лукаку спречил тепачка помеѓу Азар, Де Брујн и Вертонген.
Азар и Куртоа демантираат дека имало физички контакт, но сепак велат дека разговорот бил отворен и си кажале се што имаат меѓусебе.
„Ништо големо не се случи по Мароко. Имавме добар разговор каде кажавме секакви работи. Сега сакаме да ја победиме Хрватска. Имаме два дена да се подготвиме. Рековме дека мора да играме подобро. Имаше големи очекувања, но не го направивме тоа. Не прикажавме добра игра. Седнавме вчера заедно, сите играчи и персоналот. Сите си кажавме што имавме да си кажеме. Решивме дека ќе биде подобро да дојдат поискусните играчи на денешната прес-конференција“, рече Азар на почетокот на конференцијата.
Куртоа се надоврза на неговите зборови.
“Немаме проблеми во тимот. Тие приказни се измислени за да се создаде лоша атмосфера. Но сега сме уште помотивирани да ја победиме Хрватска во четврток. Бев лут кога загубивме од Мароко, но за 20 минути беше како ништо се случи . Има премногу лаги, имаше приказни кои не беа вистинити, дека шутирам низ соблекувалната. Се разочаравме. Вчера разјаснивме се во приватен разговор.” – изјави голманот на Белгија.