Connect with us

Фудбал

Некогаш најголемиот талент на Јунајтед го споредуваа со Меси, а сега го допре дното во третата лига на Емирати

Дека и најголемите стручњаци можат да грешат во оценувањето на играчите, потврдува и големиот пад во кариерата на Равел Морисон (31), некогашниот најголем талент на англискиот фудбал.

Пред 14 години во фудбалскиот свет се појави голобрадото дете Равел Морисон, во споредба со осумкратниот освојувач на Златната топка Лионел Меси. Медиумите се натпреваруваа да го направат ѕвезда, па го нарекоа „Англискиот Меси“.

“Играчот кој се издвојуваше од сите? Едноставно е, Равел Морисон. Ако прашате кој било играч од таа ера на Манчестер Јунајтед, ќе ви каже дека Равел бил на друго ниво, над сите други. Равел требало да биде веднаш до Меси и Роналдо“, рече  неговиот поранешен соиграч Џошуа Кинг.

Уште подобрa за неговиот талент е изјавата на легендарниот Рио Фердинанд, кој вели дека тој е најдобриот играч што го гледал големиот Сер Алекс Фергусон.

„Играше со сите на теренот кога имаше само 14 години. Менаџерот Фергусон мислеше дека е најдобриот играч што го видел на таа возраст. Би платил да го гледам како тренира, а камоли да игра натпревар“, изјави Фердинанд.

Но, кога се појави како најголема сензација во англискиот фудбал, никој не можеше да очекува дека Морисон ќе доживее таков пад.

Во тимот беше заедно во средниот ред со Пол Погба и Џеси Лингард, а бидејќи не успеа да се наметне на Олд Трафорд, Манчестер Јунајтед го продаде на Вест Хем. Следеа многубројни промени на клубови, но тој сепак настапуваше за реномирани тимови како Лацио, Вест Хем, Шефилд Јунајтед, Мидлсброу… Смени 14 клубови, а потоа најтешкиот удар го доживеа во 2023 година кога американскиот ДЦ Јунајтед го отпиша. Договорот му беше раскинат и една година беше без клуб, за вчера да најде нова работа.

Новиот клуб на Равел Морисон ги шокираше сите. Некогаш најголемиот талент на англискиот фудбал се пресели во Обединетите Арапски Емирати, но не во клуб од првата, па дури и од втората лига. Станува збор за тимот на Пресин ФК, кој се натпреварува во третото ниво на фудбал на Емирати. Далеку од фудбалскиот свет, Морисон ќе се обиде малку повеќе да ужива на теренот, додека никој не го гледа, евентуално да си ја врати физичката форма и да заработи некој денар.