Фудбал
Новинарите не беа заинтересирани за португалскиот тим, туку само за тоа дали Роналдо ќе го напушти Јувентус
Утре репрезентацијата на Португалија го игра натпреварот од првото коло во групната фаза на Европското првенство против Унгарија.
На ова издание на Европското првенство, Португалците ја бранат титулата европски шампион, што ја освоија пред пет години во Португалија.
Јасно е дека Португалија е меѓу фаворитите за освојување на ЕУРО, но многумина веруваат дека на оваа репрезентација ќе и биде тешко на крајот да го одбрани златниот медал. Многумина веруваат дека ова е последно ЕП за Кристијано Роналдо, кој секако е максимално мотивиран.
Роналдо се појави денес на прес-конференцијата пред натпреварот против Унгарија, а присутните новинари беа заинтересирани и што ќе се случи со неговиот клупски статус и дали ќе остане во Јувентус и следната сезона.
Сепак, веднаш стана јасно дека Роналдо не е расположен да зборува за Јувентус и тој јасно рече дека во моментов е фокусиран само на репрезентацијата на Португалија и на Европското првенство.
„Играм на врвно ниво 18 години, но тоа не е проблем за мене. Да бев 18 или 19, сигурно немаше да спијам поради возбудата и ќе размислував за својата иднина. Сега ситуацијата е поинаква Имам 36 години и не ми е гајле сега дали ќе останам или ќе го напуштам Јувентус“, рече Роналдо и додаде.
„Што и да се случи ќе биде најдобро за обете страни. Сега сум фокусиран само на еврото и сакам да го освојам. Ние сме оптимисти и сакам да имам позитивно размислување од првиот до последниот натпревар“.
Португалците ги очекува навистина пеколна работа во групната фаза, бидејќи покрај Унгарија, ќе играат уште поголеми дербија против Франција и Германија, а јасно е дека станува збор за „група на смртта“.
Што се однесува до Јувентус, Роналдо има договор со италијанскиот клуб на уште една година, но веќе има многу шпекулации дека „Старата дама“ сака да го продаде ова лето и да изгради тим на некои други играчи.
Интерес за Роналдо покажаа Манчестер Јунајтед и ПСЖ, а се очекува Јувентус да добие околу 30 милиони евра во случај на продажба.