Connect with us

Фудбал

Од камп за бегалци до Баерн Минхен – приказната на Алфонсо Дејвис

Пред неколку дена Алфонсо Дејвис го оствари својот сон – потпиша професионален договор со еден од гигантите на европскиот фудбал – Баерн Минхен.

Кога станува збор за најголемиот фудбалски талент во Северна Америка и според експертите, еден од најветувачките во светот, таков трансфер не изгледа необично. Дури и при ситуација дека со дадените 14 милиони евра од страна на баварците, 17-годишниот фудбалер стана најскапиот излезен трансфер во историјата на МЛС лигата.

Само што сето она што е кажано е неверојатно, со оглед на тоа каде се родил Алфонсо и низ што поминало неговото семејство. Или, пак, токму тоа го направило талентот она што е сега?

Сè започнува на почетокот на векот во Монровија, главниот град на Либерија. Таму се води граѓанска војна.

– За да си обезбедиме храна, моравме да прескокнуваме трупови, се сеќава мајката на Алфонсо, Викторија.

Секој ден, таа и нејзиниот сопруг Дебеја живееле со страв дека ќе бидат жртва на насилство.

– Беше тешко, беше опасно. Единствениот начин за преживување беше да носиме оружје. Но, ние не сакавме да пукаат по нас, па решивме да избегаме оттаму, вели Дебеја.

Најтешкиот пат за Алфонсо почнува уште пред да се појави во овој свет. Неговите родители патувале 1.500 километри за да стигнат до Гана. Таму, на периферијата на главниот град Акра, тие и уште 42.000 луѓе завршуваат во бегалски камп. Тоа е местото каде што на 2 ноември 2000 година Викторија го родила Алфонсо.

Сепак, бебето носи повеќе загриженост отколку среќа. И не затоа што родителите не го сакаат, тие едноставно се плашат за неговиот опстанок, бидејќи храната и водата во кампот не се доволни. Меѓутоа, со многу лишување, тие успеваат да видат како растат нивните деца.

Шест години подоцна, сонот се остварува – семејството добива шанса да се приклучи на програма за емиграција и така да замине во земјата на нивните соништа – Канада. Таму, Алфонсо може да се посвети на својата омилена активност. Почнал да тренира во тим во Едмонтон, а во 2015 година се преселува во Академијата на Ванкувер Вајткепс.

Во исто време, сепак, талентот помага и дома. Периодот поминат во бегалскиот камп остава трага врз семејството. Во слободното време, фудбалерот игра улога на втор татко, помагајќи во одгледувањето на неговите помлади брат и сестра близнаци.

Знаејќи каков би можел да биде животот, за него не е тешко да ја сфати можноста, што ја носи фудбалот.

– Едноставно ми е малку полесно да се мотивирам, вели тој.

Само на 15 години, Дејвис дебитираше во професионалниот фудбал со вториот тим на Ванкувер. Неговата игра е толку импресивна што неколку месеци подоцна тој веќе е дел од првиот тим и станува втор најмлад играч кој настапил во МЛС лигата.

Тој брзо станува главен дел од тимот, а на 6 јуни 2017 официјално стана државјанин на Канада. Ова му носи право да игра за националниот тим. Тој го прави тоа на 16 години во контролна средба со Курасао, станувајќи најмладиот играч кој настапил за Канада. На „Голд Куп“ 2017 додава нов рекорд – најмладиот стрелец во историјата на турнирот.

Во 2018 година веќе има 20 натпревари за Ванкувер во МЛС и 3 гола во нив. Интерес имаше од секаде – Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Челзи … Дејвис, сепак, одлучи да премине во гигантот од Германија, Баерн Минхен, кој се трудеше многу за да го добие неговиот потпис.

– Многу се гордеам со него. Во бегалскиот камп немавме за јадење, немавме облека – денес сме тука. Тој има сè што му е потребно, вели низ солзи гордата мајка Викторија.

И ако судиме според сето дотука за Алфонсо, тогаш тој нема да биде вообичаен фудбалер-милионер кој ги троши парите на жени и автомобили. Тој ќе остане истиот, како што бил и секогаш. Има ли избор? Сепак, тој го ветил тоа на неговата мајка.

– Му реков дека може да нè остави, кога ќе наполни 16 или 17 години. Тој вети дека ќе остане истиот, вели Викторија.

На 1 јануари, кога треба да се насочи кон Минхен, Алфонсо ќе има 18 години, а неверојатното животно патување ќе продолжи на големата фудбалска сцена.