Connect with us

Фудбал

Од овој Јунајтед и на Ферги му е смешно: Некогаш страв и трепет, а сега е само топовско месо за противниците!

Најтрофејниот англиски клуб, екипата на Манчестер Јунајтед, сега е само гигант на хартија. Клубот од „Олд Трафорд“ е удавен во расолница и полека скапува како зелка, а најлошо е тоа што, како што стојат работите, оваа криза уште долго нема да заврши. Тоа најдобро може да се види сезонава, наместо да се бори за првото место во Премиер лигата, тој заостанува 19 бода во однос на лидерот Ливерпул.

Несфатлива сцена се случи и на почетокот од месецов при гостувањето на „црвените ѓаволи“ кај Саутепмтон. Дваесета минута, а екипата на Манчестер (Ј) губи со 1:0. Домаќинот има слободен удар, од кој Седрик Соареш испраќа одличен удар преку живиот ѕид, Де Хеа плива во воздух, и 2:0!

Камерите веднаш зумираат кон ВИП лошата, каде го пронајдоа Сер Алекс Фергусон, легендата на клубот од „Олд Трафорд“. Речиси се „умре“ од смеење, коментирајќи со човек до него за мечот на кој присуствува.

Но, на навивачите на Јунајтед, не им беше до смеење. Запрепастени и згрозени од случувањата на теренот само се присетија на она што го гледаат во изминатите пет години, откако шкотскиот џентлмен се пензионираше. Некои би кажале, го напушти на време бродот што тоне, а притоа сегашниот менаџер Жозе Мурињо во неговите кондури  покажува дека не е добра алтернатива за предводник на „ѓаволите“.

Ако се земе финансикиот дел, Мурињо донесе еден куп пари на „Олд Трафорд“, но се останато личи на некоја комедија која ги покажуа последните знаци на „Театарот на соништата“. На почетокот изгледаше како убав сон оваа приказна, но сега благо речено – кошмар!

БЕЗ КОМПАС

Манчестер Јунајтед по заминувањето на големиот Шкотланѓанец се покажа како неподготвен за продолжување на доминацијата која некогаш ја имаше Ферги. Додека Алекс ги држеше сите фудбалски конци во свои раце, на „Олд Трафорд“ се личеше на бајка. Доаѓаше трофеј за трофеј, 13 пати ја освои Премиер лигата, два пати Лигата на шампиони и уште брдо куп трофеи. Империјата блескаше во полн сјај.

Воедно, се богатеа и сопствениците, фамилијата Глејзер, која од 2005 година го превзема клубот и опасно се задолжи. Поточно го задолжија клубот. Луѓето кои немаа апсолутно никаква допирна точка со фудбалот се обидоа да каснат голем залак.

За ова време можат да се пофалат само со потпишувањето на големи спонсорски договори, поради кои банкарските сметки се зголемуваат од година во година, а акциите на Јунајтед постојано растеа на пазарот.

Фергусон докажа дека е голем фудбалски стручњак, пред се поради тоа што од просечните играчи го извлекуваше максимумот, а воедно го држеше својот клуб на пиедесталот во островскиот и европскиот фудбал. По неговото заминување, магијата ја снема.

Ферги беше на трибините на „Сент Мери“ кај Саутемптон, а не на теренот. Клубот кој го донесе до најголемите висини, немоќен да направи нешто од трибините, гледаше како се валка во блатото. Јунајтед во тие моменти личеше на боксер кој станува по стравичен нокаут и се убидува да се задржи на нозе кои се повеќе му се нишаат.

ФУДБАЛСКИ КЛУБ ИЛИ КОРПОРАЦИЈА?

Јунајтед од година во година постојано растеше. Прво фудбалски и резултатски, а потоа и прогресивно и финансиски. Дојде до ниво да на листата на „Форбс“ две години по ред биде најскап фудбалски клуб во последните две години и тоа пред големите Реал Мадрид и Барселона.

Се тоа можеби и ќе беше во ред доколку во клубот не се „залетаа“ малку и го заборавија она основното – Манчестер (Ј) пред се е фудбалски клуб. Теренот треба да им биде прво и основно, а потоа доаѓаат спонзорите, договорите, освојувањето на нови пазари…

Прашање е каде е Јунајтед во последните пет години на зелениот терен? Ако се земе првата сезона во која Жозе Мурињо со овој тим го освои трофејот во Лигата на Европа, кој им овозможи наредната сезона и пласман во Лигата на шампиони, се останато е далеку под реномето на славниот клуб.

Заминувањето на Фергусон, а со него и на директорот Дејвид Гил, ги фати неспремни сопствениците на клубот, а најдобро сведочи тоа што за извршен директор го поставија човекот кој е одличен бизнисмен во областа на економијата и финансиите, но нема поим околу фудбал.

Станува збор Ед Вудворд кој преку ноќ, по наредба на Глејзери, мораше да се грижи за трансфетите на играчите, што доведе до комични сцени и потпишување на договори со Маруан Фелаини во една минута до дванаесет или „повраќаници“ како трансферот на Андре Ерера и други, кои се далеку за тим каков што е Јунајтед.

За поставувањето на менаџери најдобро говорат резултатите. Прво Дејвид Мојс, потоа Луј ван Гал, сега и Мурињо, но никој од нив не е ниту близу до остварувањата на Фергусон, а како стојат работите, Јунајтед го очекуваат уште многу сушни години.

Многу лоша регрутација на играчи, нивното претпларување и неспособност да од постојниот кадар створат тим кој би се борел за трофеи, направија многумина со потсмев да гледаат што се случува на „Театарот од соништата“.

Клупските легенди се оддалечени, пред се онаа „славната генерација од 92“, како Дејвид Бекам, Пол Сколс, Рајан Гигс, браќата Невил, а во клубот е само Ники Бат и тоа како директор на академијата. Многу од нив, неофицијално, се прогласени за непријатели на тимот бидејќи јавно говорат за се што не им одговара на „ѓаволите“.

Јунајтед, ако се спореди со „бучните комшии“ од „Итихат“, е како фудбалски диносаурс. Системот на функционирање и раководењето на клубот оддамна е прочитан, а тоа време на тапкање во место го искористија ривалите и го потиснаа во втор план. Некои велат дека тимот од „Олд Трафорд“ полека се претвара во Ливерпул од деведесетите години од минатиот век.

МУРИЊО И ХАОСОТ ВО СОБЛЕКУВАЛНАТА И НА ТЕРЕНОТ

Велат дека работите во фудбалот најдобро се гледаат на терен. Тука сите се обидуваат да ја сокријат патеката на пропаста. Менаџерите на Јунајтед можеа повремено да се оправдаат од типот на „немавме доволно среќа“, „голем број на повредени играчи“, но кога неколку години навивачите гледаат досаден, декадентен и крајно опсесивен фудбал, па резултатите се такви какви што се во моментов.

Од екипа која беше позната по офанзивниот стил на игра, борбеност до крајни граници, со вградено верување да се игра до последната минута или таканаречен „Ферги тајм“, Манчестер (Ј) се претвори во екипа без физиономија, идентитет, која често игра кукавички фудбал.

Некогаш противниците од страв губеа само со 1:0 уште во соблекувална, додека денес гостувањата на „Олд Трафорд“ им служат како излети, за подигнување на борбениот морал и освојување на бодови. Од ваквиот Јунајтед не се плаши речиси никој и нема тим кој не може да дојде до бодови против некогаш големиот гигант.

Кога на крајот на мај во 2016 година пристигна менаџерот Жозе Мурињо, во клубот се понадеваа дека ангажираа тренер со победнички менталитет. Важеше за човек кој ќе го среди нарушениот поредок во Премиер лигата, но „ниту глас“ од такво нешто. Фамозната теорија за „третата сезона на Мурињо“, карактеристична за Португалецот во текот на целата негова кариера (каде секогаш добиваше отказ или сам си заминување од клубовите), се воспоставува како вистинита за случајот Јунајтед.

Мурињо по се што го направи изминативе години, покажа дека не е вистинскиот менаџер за „ѓаволите“, па затоа се очекува и негов отка во наредниот период, доколку одиме по стариот рецепт – „Трета сезона на Мурињо“. Три години не успеа да пронајде рецепт за добра игра достојна за реномето на клубот. Португалецот е во рат со сите, од Вудворд, потоа навивачите, поранешните играчи на клубот, новинарите, а најмногу со играчите кои од недела во недела јавно ги понижува и прозива, обидувајќи се да ја отргне од себе вината за лошите резултати.

Не е веќе проблемот ниту само во Мурињо, туку нема кој ни да го замени. Тој само го работи она што и досега „најдобро“ го работеше. Лекциите околу односите со играчите од Реал Мадрид и Челзи очигледно не ги научил. Тренерски е „прочитан“, а притоа не се менува, иако врмето се промени. Менаџерот повеќе го нема последниот збор во оваа современа денешница кога во прашање е фудбалот. Финансиските моќни фудбалери и нивните менаџери, за кои Алекс Фергусон рече дека „ги држи во своите џебови“, се новиот изглед на фудбалот. Не им можете ништо ако не сакаат да играат за вас, а клубот ги држи поради спонзорите и рекламите. Очајнички круг.

Мурињо не е проблемот кај навивачите, туку тие само го сакаат оној стариот Јунајтед, со кој некогаш Мат Безби, Боби Чарлтон, Мартин Едвардс, Алекс Фергусон, правеа одлични резултати од кои се гордееја сите. Сега помалку имаме размазени фудбалери од таканаречената „Инстаграм генерација“.

Но, таква е судбината на клубовите кои ја продадоа својата филозофија за шака пари. Јунајтед ја загуби душата, а доколку мислат воопшто да тркнат напред, има само еден лек за тоа – да го вратат времето и да се пронајдат самите себеси.