Connect with us

Фудбал

Одличниот Гај и „левицата“ на Меси го срушија Сити

Осум натпревари од второто коло во Лигата на шампионите се одиграа вечерва низ стариот континент, а најголемо внимание привлече дуелот помеѓу ПСЖ и Манчестер Сити.

Тоа беше дуел помеѓу двете најскапи екипи во Европа, во кој беа вложени вртоглави суми пари и за кој играат најголемите sвезди на денешниот фудбал.

Така, имиња како Лионел Меси, Кевин Де Бруин, Нејмар, Мбапе, Стерлинг и други истрчаа на тревникот на „Паркот на Принцовите“, па со право очекувавме одличен натпревар, кој на крајот го добивме.

Парижаните притиснаа од самиот почеток, а тоа го искористија во 8. минута. Меси и Хакими комбинираа по левата страна, Нејмар ја остава топката за Гај, а Сенегалецот ја закова во голот на Граѓаните.

По тој гол, гледавме повеќе или помалку изедначен натпревар. До крајот на првото полувреме, гостите можеа да се вратат доколку Бернардо Силва ја уфрлеше топката во празната мрежа од два -три метри, што не успеа да го направи … Можеби најголемото промашување во кариерата.

Кон крајот на првото полувреме, Де Брујн направи невнимателен фаул врз стрелецот на првиот гол и заработи само жолт картон. По повторената снимка, можеме да констатираме дека Белгиецот се снајде многу добро во оваа ситуација бидејќи судијата Дел Серо мирно можеше да му покаже црвен картон.

Второто полувреме не ни ја донесе играта што ја очекувавме. Сити нападна, но не успеа посериозно да се заканува кон Донарума.

Во 74. минута стадионот во Париз зовре по голот на Лео Меси. Аргентинецот одигра двојно додавање со Мбапе и го погоди небранетиот дел од мрежата на гостите за да експлодира радоста на домашните навивачи.

До крајот резултатот не се промени и „Светците“ славеа голема победа со која избија на чело на оваа група.

Дека ремито со парижаните во последното коло не беше случајно, фудбалерите на Клуб Бриж вечерва докажаа со победата над РБ Лајпциг од 2:1 на гости.

Лајпциг поведе во 5. минута преку неверојатниот Нкунку, за кого ова беше четврти гол на вториот натпревар во Лигата на шампионите, а следуваше комплетен пресврт во режија на Риц пред крајот на првото полувреме.