Фудбал
Откриено зошто Роналдо се одлучи за Јувентус
Јувентус со крупни чекори гази кон новата шампионска титула во италијанската Серија А, но и понатаму најголема желба на “старата дама” е трофејот во Лигата на шампиони, кој би требало да стане реалност благодарение на најважната алка во тимот, Кристијано Роналдо.

Потребни беа само неколку месеци за да се дојде до заклчуок дека Јуве со право потроши 106 мил. евра на обесштетувањето на португалскиот интернационалец.
Спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи, откри дека многу полесно од очекуваното бил договорен трансферот на поранешниот фудбалер на Реал (М).
- Не требаше ниту да го наговориме. Со Кристијано се беше едноставно, затоа што со мислите веќе беше во Јувентус. Бевме подготвени на се, мислевме дека ќе треба да го наговориме. Мислам дека веднаш по финалниот натпревар во ЛШ реши да дојде во Јувентус. За време на првиот состанок кој го имавме со неговиот агент, Жорге Мендеш, тема на разговорот не беше Роналдо, беше Жоао Кансело. Тогаш Мендеш ни кажа: “Нема да верувате, но Роналдо сака да игра за Јувентус”. Му кажав дека му верувам, но дека тешко ќе биде реализиран таквиот трансфер, изјави Паратичи.
Главниот оперативец на “старата дама” додаде дека голем удел при реализацијата на спектакуларниот трансфер има и сопственикот на Јувентус, Андреа Ањели.
- Таквите работи ги планираме со денови, но ова не беше планирано. Му кажав на Ањели дека ова е фантастична шанса, но и дека мора да ме сослуша до самиот крај. Кога ќе дојдете во неговата канцеларија и ќе му кажете дека го купувате Кристијано Роналдо, нормално дека се работи за фантастична спортска вест. Сепак оваа работа има и друга страна. Ањели веднаш сфати што му зборам, знае да чита меѓу редови. Побара неколку дена за да размисли убаво. Ме повика за неколку часа и беше јасно дека Роналдо ќе дојде во Јувентус, откри Паратичи.