Фудбал
Озил одби да биде најскапо платен фудбалер
Германскиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, Месут Озил, на почетокот од 2018 година добил неверојатна понуда од Кина, тврди неговиот агент Еркут Согут.
Одличниот играч за врска пред неколку месеци ја продолжи соработката со популарните “топчии”, откако ја прифати понудената неделна плата од 300.000 фунти. Кинескиот клуб му понудил неделна плата од милион фунти, но Германецот не ја искористи шансата да биде крунисан во најскапо платен фудбалер на денешницата.
- Добивме неколку големи понуди од Азија. Беше понудена неверојатна парична сума, рекордна, но за Месут, парите не се најважното нешто во животот. Месут е бренд, има најмногу фанови на друштвените мрежи од сите фудбалери кои играат во Премиер лигата и има продадено најмногу дресови. Остана во Арсенал затоа што клубот му е во срцето. Можеше да си замине како слободен играч, но многу го сака овој клуб. Се му кажав, но на крајот тој ми кажа дека Арсенал е неговиот дом и дека треба да се договориме околу новата соработка, изјави Согут.
Озил има договор со Арсенал до 2021 година и најверојатно во Лондон ќе ја заврши својата богата фудбалска кариера.