Фудбал
Па, тоа е нашиот лав, Адеми: Сакам, можам и уште ќе играм за Македонија!
Иако имаше шпекулации дека капитенот на Динамо повеќе нема да игра за Македонија, тој ги отстрани сите дилеми.
Аријан Адеми во интервју за „Германијак“ зборуваше за Динамо, за атмосферата во соблекувалната, за своите соиграчи… Но, откри и кои се неговите планови за македонската репрезентација.
Имено, Адеми последниот натпревар за репрезентацијата го одигра во март минатата година, кога во финалето на плејофот за Светското првенство, по сензационалната победа над Италија (1:0), неговиот тим загуби од Португалија и остана без Катар.
Потоа тој повеќе не беше дел од репрезентацијата поради неговото здравје, повредите и напорниот ритам на натпреварите, па се појавија гласини и информации дека Адеми повеќе нема да игра за Македонија, иако официјално не се збогуваше со репрезентацијата.
-Одлучив да продолжам да играм за репрезентацијата! Сакам, можам и ќе играм. Зборував и со селекторот, тој сака да бидам таму и ќе бидам, изјави Адеми, а потоа додаде:
„Тешко ми е да се збогувам, бидејќи групата на луѓе таму е одлична, играме за нашата земја, се пласиравме на последното Европско првенство и сакаме да го повториме тоа. Иако сме во многу тешка група. ”
-Свесни сме дека нема да биде лесно, но веќе ја победивме Германија, па Италија и нема од кого да се плашиме. Знам дека Италијанците ќе бидат особено мотивирани против нас, бидејќи ги исфрливме од Светското првенство. Но, ќе бидеме и ние многу мотивирани, веруваме дека можеме да постигнеме уште многу, вели Адеми.