Connect with us

Фудбал

Пеналот за ПСЖ го збесна фудбалскиот свет, дали е ова подарок?! (ВИДЕО)

Синоќа на „Паркот на принцовите“ се случи вистинска драма на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Пари Сен Жермен и Њукасл (1:1), кој може да даде многу одговори кога е во прашање преминот во следната рунда од „групата на смртта “ со лидерот Борусија Дортмунд.

ПСЖ сега има седум бода пред последното коло, додека Њукасл и Милан имаат по пет, но сето тоа можеше да биде поинаку доколку Парижаните не се спасуваа од нов пораз синоќа во осмата минута од судиското надополнување. Францускиот напаѓач Килијан Мбапе погоди од пенал кој предизвика големи полемики, а во редовите на англискиот клуб збеснаа.

Имено, судијата Шимон Марчинијак најпрвин ја игнорираше ситуацијата во шеснаесетникот на Њукасл, но потоа интервенираше ВАР, па по прегледувањето на видеото, Полјакот досуди пенал, оценувајќи дека играњето со рака на Тино Ливрамент е доволно за најстрога казна. Топката, како што можеше да се види, се одби од градите до лактот.

„Каков куп ср…“, рече Алан Ширер, додека Мајкл Овен додаде: „Тоа ги скрши срцата на играчите на Њукасл и тие имаа толку добар настап. Никогаш, во милион години , тоа не беше пенал.

На сличен став е и Гери Линекер, кој одлуката ја нарече смешна, но тоа нема многу да му помогне на Њукасл, кој во последното коло против Милан на домашен терен ќе бара пат до нокаут фазата од Лигата на шампионите.