Фудбал
Пеп за Кансело – Се најдобро, но верува ли некој во враќање после вакви зборови?
Фудбалерите на Манчестер Сити викендов му гостуваат на Тотенхем, а Пеп Гвардиола првпат по заминувањето на Жоао Кансело зборуваше на прес-конференција.
Како што знаете, Португалецот во последниот ден од преодниот рок замина на позајмица во Баерн Минхен, а не се знае дали Баварците ќе го откупат неговиот договор или ќе се врати во Сити.
„Прво, му посакувам се најдобро на Кансело во следните четири месеци (на позајмица). Што се однесува до следната сезона, не знам што ќе се случи. Кансело беше неверојатно важен во освојувањето на нашите последни две титули. Но, по Светското првенство имавме мини-подготовка и решивме да играме на малку поинаков начин. Ми се допадна тоа што го видов и решив да им дадам повеќе шанси на другите играчи “, изјави Гвардиола.
Очигледно е дека ваквата одлука на Пеп влијаела и на Кансело да си замине.
„Неговиот карактер е таков што секогаш сака да игра. Секогаш тренираше напорно, во последните години е меѓу играчите со најголема минутажа и не е навикнат да биде во ситуација да биде на клупата. Нему му е потребно да игра за да биде среќен. Решивме да го пуштиме да оди во Минхен. Тој сака да игра на секој натпревар и се надеваме дека ќе може во Минхен“, рече Гвардиола.
Тој негира дека имало несогласувања и дека Кансело е голем професионалец, поради што го доведе Баерн.
„Баерн го сакаше Кансело бидејќи е неверојатен играч и нема да кажам ниту еден лош збор за него. Неговата работна етика, неговата страст, неговите квалитети, сите ги знаат. Тој замина еден ден, два пред крајниот рок, но среќен сум од составот и од тоа што го имам на располагање, секогаш сум бил. Можеме да се справиме со оваа ситуација, бидејќи верувам во играчите што ги имам во тимот. Разговарав со Цики Бегиристајн за замена, но ми кажа дека нема замени на пазарот. Му реков да почека до летото, дека можеме да влеземе на пазарот со доволно пари ако ни треба замена. Ќе видиме што ќе се случи на лето“, заклучи Гвардиола.