Connect with us

Фудбал

Пиоли свесен дека Милан сè уште не „сторил ништо“

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли знае дека Милан е многу близу до пласман во Лигата на шампионите, но дека сè уште не е готово.

Милан го декласираше Јувентус со 3:0 во Торино во неделата вечерта и со таа победа се приближи до Лигата на шампионите што со години ја чекаа на „Сан Сиро“, но на црвено-црните им недостасуваат уште најмалку две победи на преостанатите три натпревари (Торино , Каљари и Аталанта).

Вечерта, Милан ќе игра во Торино, и секако е можна само победа, а Златан Ибрахимовиќ поради повреда нема да биде на тој дуел.

„Треба да имаме рамнотежа. Не не деморализираше поразот од Лацио, ниту оваа победа над Јувентус. Тоа не смее да не одвлекува, не смееме да го губиме фокусот. Потребни ни се повеќе поени. Имаме верба, свесни сме за се, но сè уште не сме направиле ништо“, рече Пиоли на прес-конференција.

„Ќе можеме да славиме само кога ќе стигнеме до Лигата на шампионите. Време е да се одржи овој став. Не се плашам од еуфорија, но се грижам затоа што деталите секогаш можат да одредат натпревар и имаме некои потешкотии. Утрешната игра ќе биде различна од онаа во недела, а противниците играат со поинаков систем и став, па сето тоа ќе зависи од моите одлуки и избори“, додаде Пиоли.

Тој исто така се надева дека ривалите на Милан ќе направат неколку грешки. Наполи вечерва го пречекува Удинезе, другите ќе играат утре.

„Би било добро, но сепак мораме да се фокусираме на нас самите и на нашата игра“, рече стратегот на Милан.