Connect with us

Други спортови

Пјер Гасли го менува Рикардо во Ред Бул

Францускиот возач Пјер Гасли ќе го замени Даниел Рикардо во тимот на Ред Бул следната година во Формула 1.

Рикардо веќе објави дека ќе вози за Рено од 2019 година, а неговата замена доаѓа од вториот тим на Ред Бул – Торо Росо, од кој пред неколку години дојде и Макс Верстапен.

– Ова е неверојатна можност и нов чекор во моите амбиции да победувам во трки и да се борам за титулата, рече по тој повод Гасли.

Тој дебитираше во Ф1 минатиот октомври во Малезија, а оваа сезона освои 26 поени. Неговиот најдобар резултат беше четвртото место во Бахреин.

Од друга страна, Ред Бул сезонава се бори да биде постојан, но неговите возачи постигнаа три победи досега – Рикардо две и Верастепен една.

По неколку недели од летниот распуст, сезоната во Формула 1 продолжува претстојниов викенд со Гран-при на Белгија на легендарната патека во СПА.