Connect with us

Фудбал

Почина легендарниот Роберто Динамит, најдобриот стрелец во историјата на бразилското првенство!

Само неколку недели откако го загубија Пеле, Бразилците плачат по Роберто Динамит! Најдобриот стрелец во историјата на бразилското првенство почина во неделата по долго и тешко боледување, а оваа тажна вест ја потврди клубот  Васко де Гама.

„Со голема болка и огромно жалење мораме да ја објавиме смртта на најголемиот идол во историјата на клубот, Карлос Роберто де Оливеира, Динамит, на 68-годишна возраст од рак на дебелото црево. Најголемиот од сите нè напушти “, соопштија од клубот од Рио де Жанеиро.

Динамит играше активен од 1971 до 1991 година и целата своја кариера ја помина во Васко, освен две кратки позајмици и патување во Европа кога играше за Барселона во сезоната 1979/80. По завршувањето на кариерата, тој долго време беше претседател на својот клуб, а активно се занимаваше и со политика.

За Васко постигна 190 гола во националниот шампионат и никој не се доближи до него. Втор на листата е Фред со 158 голови, Ромарио постигна 154, Едмундо 153, а Зико 135. На вкупно 1022 одиграни натпревари во кариерата постигна 864 гола, а за бразилската репрезентација 20 гола во 38 натпревари. Играше на Светските првенства во 1978 и 1982 година.