Connect with us

Фудбал

Попов: Нерешено беше најреален резултат од дербито

Горан Попов капитенски ја предводеше екипата на Вардар во Тетово на гостувањето кај Шкендија. Како и секогаш, стоперот беше неуморен, се бореше до крај што придонесе да постигне убав гол со кој го израмни резултат 2:2, што беше и конечен по последниот свиреж на судијата.

„Треба да бидеме задоволни со овој бод. После водството имавме уште една шанса за 0:2 и тука беше еден од клучните мигови на мечот. Ако искористевме можеме и да го добиеме мечот. Кога се ќе се собере резултатот е реален. Бод за нас и бод за нив е најреално. Целата екипа силно се трудеше да извадиме добар резултат од ова гостување, и на крајот мислам дека еден бод од гостување во Тетово како за почеток не е лошо. Кога ќе се вратам назад, криво ми е само што дозволивме да го примиме вториот гол. Требаше да реагираме поагресивно и да не дозволиме Шкендија да влезе така во шанса. Меѓутоа во фудбалот се случуваат грешки и нема враќање назад. И пред мечот кажав дека Шкендија има проблем со Вардар, така и беше. Во секој случај беше еден добар натпревар на две добри екипи“, изјави капитенот на нашиот тим.

Дефанзивецот на Вардар смета дека исполнувањето на задачите зададени од стручниот штаб и дисциплината и борбеноста во играта, го донесоа бодот од Тетово.

„Сметам дека се она што беше зададено од нашиот тренер Васоски го исполнивме. Добро се подготвивме за овој натпревар, трениравме напорно. Бевме борбени, и кога имавме негатива не се предававме, туку одевме да дадеме гол и да извадиме добар резултат. Треба само некои ситни грешки кои се појавија на овој натпревар да ги отстраниме, и да бидеме уште подобри во иднините натпревари. Сега ни претстои уште едно гостување во Тетово против Ренова, и ќе мораме добро подготвени да го дочекаме тој меч“, рече Попов.