Connect with us

Тајмаут

Посмртно одликуван легендата на косовскиот фудбал, Фадиљ Вокри

Претседателот на Косово, Хашим Тачи го одликува денеска со Претедателскиот јубилеен орден за десетгодишнината од независноста, посмртно, поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Косово Фадиљ Вокри, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во образложението што го објави кабинетот на Тачи, се вели дека Вокри е одликуван за заслуги за промоцијата на косовскиот спорт и за зачленувањето во УЕФА и ФИФА.

Орденот на церемонија во претседателската палата им беше врачен на сопругата и двајцата синови на Вокри. Во таа прилика Тачи истакнал дека, освен за развојот на косовскиот фудбал, Вокри има големи заслуги и за промоцијата на косовската држава во светот.

Поранешниот фудбалер на Приштина, белградски Партизан и на репрезентацијата на Југославија од средината на 80-тите години, почина од срцев удар на 58-годишна возраст, на 9. јуни годинава. Последните десетина години ја водеше косовската фудбалска организација, која успеа да ја зачлени во европската и во светската куќа на фудбалот.