Connect with us

Фудбал

Познат судија го напушти фудбалот: „Уморен сум од навреди и пцовки, тука нема судење“

Натпреварот од турското првенство меѓу Газиантеп и Касимпаша привлече големо внимание минатата недела.

Судијата Халис Озкахја го продолжи овој натпревар за девет минути, но крајот го досуди по четири одиграни минути.

Тоа не беше крајот. Иако апсолутно сите го напуштија стадионот, Озкахја реши да ги врати тимовите на теренот и да ги одигра преостанатите минути од натпреварот кој заврши со победа на Газиантеп од 2:0.

По се што се случи, 41-годишниот судија реши да стави крај на кариерата, а во изјава за турските медиуми истакна дека едноставно повеќе не може да слуша бројни навреди.

„Фудбалската средина стана многу грда. Уморен сум од слушање навреди и пцовки на секој натпревар. Затоа не сакам да останам во овој хаос ниту една секунда“, изјави Озкахја и додаде:

„Нема можност да судам во таква средина. Затоа решив да ја завршам кариерата“, изјави сега веќе поранешниот турски судија.

Тој ја коментираше и грешката што ја направи и која ќе биде последна во неговата судиска кариера.

„Никој не ме принуди да се вратам на теренот. Можев да кажам дека не згрешив и за се го обвинив четвртиот судија и дека покажа погрешно време, но тоа не е мојот карактер. Поради сето тоа заминувам од судењето“, рече Озкахја.

Халис Озкахја е сопственик на значката на ФИФА од 2009 година и важеше за еден од најдобрите турски судии.