Connect with us

Фудбал

Премногу се очекуваше од мене, а јас бев дете

Кога пристигна во редовите на Реал (М), а тоа се случи за време на зимскиот преоден рок во 2015 година, 16-годишниот норвешки интернационалец, Мартин Одегард, беше вистинска сензација и од тоа дете многу очекуваа да биде иднината на славниот шпански клуб. Сепак, тоа не се случи. Одегард никогаш не доби вистинска шанса на “Сантијаго Бернабеу”.

Прво беше позајмен на Херенвен, а моментално прикажува одлични партии во дресот на Витезе.

  • Добро се сеќавам дека големи беа очекувањата кога потпишав за Реал (М). Тоа е нормално кога Реал (М) ангажира играч кој има 16 или 17 години. Сите очекуваат чудо од тој играч. Можеби од мене се очекуваше премногу, а јас бев дете. Искрено, жал ми е што не добив поголема шанса во Реал (М). Можеби ќе направев нешто повеќе, но откако дојдов во клубот, знаев дека постојано ќе бидам позајмуван. Бев сфесен, знаев дека е многу тешко да се избори место во еден клуб каков што е Реал (М), изјави Одегард.

Норвешкиот интернационалец за “кралскиот клуб” одигра само два натпревара, но е во негова сопственост до 2021 година.

  • Се уште сум млад и пред мене има многу години. Добро знам дека не сум ниту блиску до мојот врв. Сакам напорно да работам, затоа што само така ќе добијам нова шанса во Реал (М), додаде Одегард.

Во актуелната сезона, офанзивниот играч за врска одигра 15 натпревари, на кои постигна три погодоци и запиша две асистенции.