Фудбал
Рома ја прифати понудата од 75 милиони евра на Ливерпул за Алисон
Финалистот во Лигата на шампионите, Ливерпул постигна договор со Рома за трансфер на бразилскиот голман на „волците“ Алисон, јави Би-Би-Си.
Италијанскиот клуб ја прифатил понудата на англискиот гигант во вредност од 66,8 милиони фунти (75 милиони евра).
Сега претстои Ливерпул да одржи преговори со Алисон за личните услови на голманот, кој импресионира со настапите во минатата сезона и им помогна на „волците“ да стигнат до полуфиналето на Лигата на шампионите. Таму екипата на Рома беше запрена токму од Ливерпул.
Алисон игра во Рома од 2016 година, кога Италијанците го купија за седум милиони евра од бразилскиот клуб Интернасионал. Дваест и петгодишниот голман има 31 натпревари за националниот тим на Бразил и беше првиот голман на „Селесао“ на Мундијалот 2018.
Ако трансферот биде реализиран, тоа ќе биде рекордна сума платена за голман во историјата. Актуелниот рекорд е 53 милиони евра, кои Јувентус и ги плати на Парма за Џанлуиџи Буфон во 2001 година. Рекордот на Премиер лигата пак е 40 милиони евра, кои Манчестер Сити ги извади минатото лето за Едерсон, за да го купи од Бенфика.
Интерес за Алисон има и од друг водечки англиски клуб – лондонски Челзи, но по се изгледа дека Бразилецот ќе заигра на „Енфилд“ од новата сезона.