Фудбал
Роналдо нема дилема кој ќе биде наследник на него и Меси
Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо е пред крајот на својата кариера во која заедно со Лионел Меси одбележа една фудбалска ера.
Во претходните 13 години доминираа Роналдо и Меси, кои заедно собраа 11 од вкупно 12 Златни топки во наведениот период. Многумина се грижат што ќе се случи кога и двајцата ќе ги извадат и закачат копачките, но дефинитивно има играчи кои можат да ги наследат.
За sвездата на Јувентус во овој поглед, нема дилема кои ќе бидат следните двајца.
„Тешко е да се покаже прстот кон само еден играч, но возбудливо е да се гледа како доаѓа оваа нова генерација. Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе се момците што доаѓаат и тие се фантастични. Некои играчи може да имаат една или две одлични сезони, но најголемите се во состојба да држат високо ниво многу долго. Потребно е многу напор и работа“, одговори напаѓачот на Јувентус.
„Се надевам дека ќе ме памети како одличен играч, како некој што работеше напорно и секогаш даваше се од себе да му помогне на својот тим. Мислам дека заслужив да бидам дел од историјата на фудбалот“, заврши Роналдо.
Оваа сезона, Роналдо постигна 29 гола на 33 натпревари за Јувентус. Тој најверојатно ќе биде најдобар стрелец во лигата, иако на Старата дама во последното коло и се заканува да остане без место во Лигата на шампионите.
Головите на Роналдо исто така не беа доволни за Јувентус да ја продолжи доминацијата во Италија, па по девет сезони титулата го напушти Торино затоа што им припадна на играчите на милански Интер.