Connect with us

Други спортови

Русија суспендирана од Зимските олимписки игри во Јужна Кореја

Рускиот олимписки комитет е суспендиран од учество на Зимските Олимписки игри кои што ќе се одржат во Јужна Кореја во февруари следната година од страна на Меѓународниот олимписки комитет.

– Руските натпреварувачи ќе можат да се натпреваруваат на ЗОИ во Пјонгчанг под олимписко знаме, соопшти МОК.

Спортистите ќе мора да поминат посебни прегледи за допинг за да добијат дозвола за настап на Олимписките игри.

Со одлуката на МОК, рускиот ОК ќе мора да плати отштета од 15 милиони долари, додека Виталиј Мутко, поранешен министер за спорт е доживотно суспендиран од Олимписките игри.

Суспензијата доаѓа на само девет недели пред ЗОИ, што е казна за допингот на игрите во Сочи во 2014 година.

МОК минатата година им забрани на руските спортисти да се натпреваруваат на Летните олимписки игри во Рио, а од сите меѓународни федерации поединечно побара да се изјаснат дали ќе им дозволат на Русите да настапуваат на игрите.

Според рускиот претседател Владимир Путин би било понижувачки доколку спортистите настапуваат на ЗОИ како неутрални натпреварувачи без нивното национало знаме и химна.

Зимските Олимписки игри ќе се одржат од 9 до 25 февруари во Јужна Кореја.