Фудбал
Сари има решение за кризата во Челзи
Челзи во декември запиша два пораза – против Вулверхемптон (2:1) и Лестер (0:1) и на тој начин се оддалечи од водечкото дуо во Премиер лигата, Ливерпул и Манчестер Сити. “Црвените” му побегнаа на 11 бода, додека “граѓаните” имаат предност од седум бодови иако пред неколку недели меѓусебната пресметка заврши со триумф од “сините” од 2:0.

За ситуацијата да биде уште потрагична се погрижи Тотенхем кој е третопласиран со пет бода повеќе од градскиот ривал.
Веднаш по минималниот пораз од Лестер на “Стемфорд Бриџ”, менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, уште еднаш потврди дека неговите играчи имаат потреба од спортски психолог.
- Јасно е дека не загубивме поради нашиот начин на игра. Немавме среќа и загубивме затоа што ја немавме потребната реакција после примениот погодок. Имавме целосна контрола врз натпреварот, само требаше да продолжиме со нашата игра, но не го направивме тоа. Ние сме во одлична кондиција, тоа го покажавме и на претходните натпревари. Не е можно да играте одлично до 55 минута, а потоа, за две минути да се уморите после примениот погодок. Имаме психички проблем и тој проблем мора да го решиме сите заедно, изјави италијанскиот стручњак.