Фудбал
Што го очекува Сон во војска? Играчот на Тотенхем ќе помине низ „пекол“
Во финалето од Азиските игри 2018 година против Узбекистан, Сон Хеунг Мин, репрезентативецот на Јужна Кореа, имаше посебен мотив мечот да не го напушти како губитник. Златниот медал му гарантираше дека ќе избегне служење на воениот рок, кој во неговата земја е задолжителен. Пеналот во 118 минута, кој на Јужна Кореа и донесе триумф, фудбалерот на Тотенхем не смееше ни да го гледа, а не пак да го шутира. Кога неговиот соиграч погоди, му олесна. Се испостави само привремено, бидејќи на крајот сепак мораше да ја облече униформата.
Служењето на воениот рок започна овој месец и на тој начин ја искористи паузата во Премиер лигата, настаната поради пандемијата на коронавирусот, а олеснителна околност за еден од најдобрите фудбалери на Спарси е тоа што наместо 20 месеци, колку што трае во Јужна Кореа, ќе отслужи само 30 дена, односно четири недели.
Воените обврски ќе ги исполни во поморската база на островот Чеџа, на кој е сместен и вулканот Халасан. Според јужнокорејскиот портал „Навер“, Сон прво ќе мора да се ишиша, а косата се чува во ќеси, со цел во случај на смрт на војникот, да може да се испрати на семејството.
Кога станува збор за тренинзите, Сон ќе се соочи со интензивни физички вежби, вклучително борба со раце, користење оружје, ползење под бодликава жица, како и маршеви од по седум километри со 24 килограми на грбот. Дури неколку дена ќе биде изложен на солзавци и во маневри слични на оние кои можат да се затекнат во воените сценарија на јужнокорејската војска.
Не баш најидеална ситуација за Сон, со оглед на тоа дека се опоравува од повреда на рамото која бараше операција и која го држеше надвор од терените и пред фудбалот во Англија да запре.