Фудбал
Симеоне го потврди првото заминување од Атлетико: Навистина сум лут, тој беше еден од најдобрите
Со ангажманите на Диего Коста и Витоло, беше јасно дека Атлетико Мадрид не може да остане со актуелниот број на напаѓачи кои ги има во својот тим, а првата „жртва“ на ваквиот расплет на настаните е Лусијано Вието кој донел конечна одлука да си замине од „Ванда Метрополитано“, пишува Дерби.
Оваа вест денеска со големо разочарување ја потврди тренерот на „душекџиите“, Диего Симеоне, кој објаснувајќи ја оваа ситуација на новинарите, порача дека е посебно лут поради тоа што Вието бил еден од најдобрите играчи на тимот во досегашниот тек на сезоната.
Вието беше стартер во неговиот тим на почетокот на новата сезона и успеа да се наметне пред Гамеиро и Торес правејќи му друштво на Гризман во нападот, но сепак неговата голгетерска суша го принуди Симеоне да им даде шанса и на другите. Со доаѓањето на Коста, станува јасно дека Вието ќе има уште помала минутажа во вториот дел од сезоната, а шпанските медиуми нагласуваат дека во овој момент сериозна битка за неговиот потпис водат Валенсија и Спортинг Лисабон.
– Разговарав со Вието и тој има интересни понуди за заминување. Му посакувам се најдобро, се надевам дека ќе го избере клубот во кој ќе може да напредува. Навистина сум лут за неговото заминување, тој беше еден од играчите кои играа најдобро на теренот, но му недостасуваа головите. Таков е фудбалот, ова е сурова игра и нема време за чекање. Многу го сакам како момче и како играч е феноменален, – истакнал Симеоне на денешната прес-конференција.