Connect with us

Фудбал

Симеоне по ремито на „Емирати“: Моите играчи се херои

Диего Симеоне ја пофали машката игра на фудбалерите на Атлетико Мадрид против Арсенал, откако Шпанците играа 80 минути со човек помалку на теренот, но стигнаа до реми 1:1 во првиот полуфинален меч од Лига Европа.

– Поминав низ какви ли не емоции во овие 90 минути. Овие фудбалери на Атлетико Мадрид се херои, откако можат да издржат слични натпревари. Да имаш само 16 или 17 играчи и да се спротивставиш 80 минути против Арсенал е огромно постигнување. Следната недела стадионот ќе врие од енергија и можеме да играме смело. Таква атмосфера нема на многу места, рече Симеоне по мечот.

Симеоне се наврати во минатото на натпревари против големи екипи, кога „јорганџиите“ останувале со играч помалку.

– Овој состав заврши огромна работа во изминатите години. Се сеќавам на натпревари како оној против Барселона, кога го изгубивме Луис Филипе по половина час, а и онаа прва средба во четвртфиналето во Лигата на шампионите, во која го изгубивме Фернандо Торес. Немате поим колку тешко е да стоиш само во одбрана, додаде аргентинскиот тренер.