Connect with us

Фудбал

Сити го прегази Реал, му ја симна круната и отиде во финалето!

Фудбалерите на Манчестер Сити се пласираа во финалето на Лигата на шампионите. Во реваншот од полуфиналето тие на свој терен го совладаа бранителот на титулата Реал Мадрид со 4:0 и продолжија со вкупни 5:1.

На овој начин му се реваншираа на актуелниот шампион на Европа за болниот пораз во истата фаза од натпреварувањето минатата сезона, му ја одзедоа круната и по втор пат од три години изборија пласман во финалето на елитното натпреварување.

За првата титула ќе се борат против Интер на 10 јуни во Истанбул.

Пеп Гвардиола одлично го подготви овој натпревар, неговиот тим одигра без грешка и го разби Реал, кој од многу потежок пораз го спаси брилијантниот голман Тибо Куртоа.

Двоен стрелец беше Бернардо Силва, третиот гол беше автогол на стоперот на Реал, Едер Милитао, а четвртиот го постигна резервистот Хулијан Алварез.

Сити од првата минута се упати кон голот на европскиот шампион, чиј блок „пукаше“ во неколку наврати во воведните 15 минути, но Реал не беше казнет.

Се заканија Родри и Силва, а потоа првата опасна шанса имаше Халанд во 13. минута. Грилиш нафрли од левата страна, Халанд биеше со глава од пет метри, но на патот му се најде одличниот Тибо Куртоа.

Сити продолжи во ист стил, притисокот врз Реал се зголеми, а во 21. минута имаше уште подобра прилика за Халанд, кој од 3-4 метри упати удар со глава, а Куртоа направи неверојатна одбрана и буквално ја извади топката од гол.

Сепак, две минути подоцна немаше спас за Реал. Во свој стил, со многу чувство, Де Брујн ја турна топката во празниот простор за Бернардо Силва, тоа додавање ја „скина“ бековската линија на Реал, а Португалецот насилно биеше и со левата нога го совлада Куртоа, за 1:0.

Рамнотежата на силите на теренот можеби најдобро покажува тоа што Реал до 30. минута не тргна ниту еден напад.

А потоа од никаде, во 35. минута, за малку ќе израмнеше. Тони Крос шутираше од голема далечина и ја погоди пречката. Тоа беше првиот удар од Мадрид кон голот на домаќините.

Тоа беше само мал блесок од Реал, бидејќи Сити го удвои водството во 37. минута. Грилиш го направи својот карактеристичен пробив по левата страна, асистираше до Гундоган во шеснаесетникот, Германецот беше изблокиран, но одбиената топка стигна до Бернардо Силва, кој од десетина метри ја испрати топката во мрежата, за 2:0.

Во продолжение Гвардиола ја затвори играта, очигледно многу научил од тој шокантен пораз пред една година. Сити застана во блокот, го чекаше немоќниот Реал, а до 73. минута немаше шанси. Тогаш Халанд излезе сам пред Куртоа, а Белгиецот уште еднаш на чудесен начин интервенираше.

Реал не издржа долго и конечно капитулираше во 76. минута. Де Брујн направи пробив од левата страна, Аканџи беше најдобар во скокот, биеше со глава, а потоа стоперот на Реал, Едер Милитао невнимателно ја фати топката и ја смести во сопствената мрежа, за 3:0.

Не беше крај. Светскиот шампион со Аргентина, Хулијан Алварез го замени Халанд во 90. минута и само неколку секунди му беа доволни да го направи она што не му успеа на Норвежанецот во 180 минути. Фоден, вториот резервен играч, го пронајде на зицер позиција.