Фудбал
Скандал на СП: Калиниќ избркан од хрватската репрезентација
Хрватскиот селектор Златко Далиќ го официјализираше она за што се збореше од викендот: Никола Калиниќ ја напушти репрезентацијата и остатокот од Светското првенство ќе го проследи пред малите екрани, заедно со навивачите.
Во договор со стручниот штаб, Златко Далиќ реши да го испрати дома напаѓачот на Милан, Никола Калиниќ поради „недоволна физичка подготвеност и несогласувања“.
Калиниќ одбил да влезе во игра во последните минути од натпреварот од првото коло од групната фаза против Нигерија, а дал објаснување дека има проблеми со грбот.
„За време на натпреварот против Нигерија, Калиниќ се загреваше за да влезе во второто полувреме. Но, кога му реков да влезе во игра при крајот на натпреварот тој рече дека имал болки во грбот. Ова не му се случува првпат, бидејќи истото го направи и на пријателскиот натпревар против Бразил пред СП. Бидејќи мене ми требаат здрави играчи кои ќе сакаат да играат за репрезентацијата, му реков да се спакува и да си оди дома“, вели Далиќ.
Напаѓачот на Милан е познат по незгодниот карактер и оние кои ја следат неговата кариера знаат дека ова не е првпат тој да се противи да влезе во игра кога е крај на натпреварот, ниту пак првпат да негодува на тренерската одлука, пишува Кајгана.