Кошарка
Словенечки тим се откажува, МЗТ Скопје се враќа во АБА лигата?!
Словенечкиот тим Копер Приморска е во тешки финансиски проблеми. Нивната бајка заврши.
Овој тим беше најпријатното изненадување на регионалната кошарка во сезоната 2018/2019, бидејќи освои историска четврта круна во шампионатот, Купот и Суперкупот на Словенија, како и АБА 2 лигата. Сонот продолжи и во дебитантската сезона во АБА лигата, го совлада Будуќност Воли среде „Морача“, гу рушеше Партизан, Цедевита, и Морнар, ја шокираше Црвена Звезда во АБА суперкупот.
Но, сепак се што е убаво кусо трае, па така и нивната бајка. Главниот спонзор се откажа кога беа на трето место, а под знак прашалник е нивното учество следната сезона.
Како што објави порталот „Вијести“, Копер Приморска има рок до 1.јули да пружи финансиски гаранции дека може да игра во најсилното регионално натпреварување. Доколку тоа не го стори до овој датум, тогаш ќе се пресели во АБА 2 лигата, а нивното место во АБА лигата ќе го завземе МЗТ Скопје, како третопласиран во второто по квалитет регионално натпреварување.
МЗТ Скопје беше дел од АБА лигата од 2012 до 2018, кога испадна со само три победи и 22 порази.