Фудбал
Соиграчот од Јувентус ја откри тајната на успехот: Јаде само три вида храна и пие три литри вода
Кристијано Роналдо на ова Европско првенство покажа дека сепак е еден од најдобрите играчи во светот.
Роналдо веќе има 36 години, но тој навистина игра на неверојатно ниво и е најзаслужен за тоа што Португалија успеа да се пласира во осминафиналето на ова натпреварување.
Досега е најдобар стрелец на Европското првенство бидејќи веќе постигна пет погодоци, а со тоа одговори и на критиките пред ЕУРО, според кои тој веќе не бил во вистинска форма и дека му поминало времето.
Португалија очекува исклучително тешка работа во осминафиналето бидејќи ќе игра против Белгија, која воодушеви во групната фаза, а очекувано се едни од фаворитите за освојување на златниот медал.
Сепак, сè додека го имате Роналдо во тимот, тогаш можете да очекувате победа. За овој натпревар зборуваше неговиот соиграч од Јувентус, Дауда Питерс, кој даде изјава за белгиските медиуми.
Овој Белгиец нормално игра за резервите на Јувентус, но во претходните сезони имаше можност да тренира со првотимците на овој клуб. Секако, Роналдо му остави посебен впечаток.
Питерс откри дека е воодушевен од тоа како Роналдо се грижи за своето тело и дека секогаш јаде иста храна кога е со играчите на Јувентус.
“Тој секогаш јаде исто, а тоа се брокула, пилешко и ориз. Тој пие три литри вода и не консумира Кока-Кола. Кристијано секогаш сака да победи, а тоа го турка сè повеќе и повеќе. Тоа ги тера младите играчи да растат заедно со него и навистина тоа нè вклучува во сè“, рече Питерс, додавајќи.
„Вежбите што ги изведува не ги прави за да задоволат некого поради неговиот изглед, тој го гледа своето тело како инструмент за работа. Роналдо не стои пред огледалото затоа што нема време за тоа. Кога е во клубот, тој обично само тренира“.
„Тој е човек кој навистина живее за својата работа и секој пат дава сè повеќе од себе. Тој е многу убаво момче, но исто така го сфаќа фудбалот многу сериозно и зборува само за тоа. Сигурен сум дека ќе биде многу мотивиран против Белгија“.
Иако веќе има 36 години, Роналдо е во фантастична физичка состојба и со години е посветен на тоа, поради што успеа да стане еден од најдобрите играчи на сите времиња и да постигне неверојатен успех.