СП ВО КОШАРКА: Финале меѓу Шпанија и Аргентина

Шпанската репрезентација е финалист на Светското кошаркарско првенство во Кина, откако попладнево во драматичен дуел по две продолженија ја победи Австралија со 95:88 (22:21, 10:16, 19:18, 20:16, 9:9, 15:8).

Во финишот на основните 40 минути двете репрезентации имаа шанса за победа. Најпрво Шпанците дојдоа до поен предност на 8,7 секунди пред крајот, а на пет секунди пред звукот на сирената Австралијците реализираа само едно од двете слободни фрлања и натпреварот отиде во продолжение.

По изедначените први пет минути, во второто екстра време шпанската селекција беше подобра и се избори за финале.

Австралија за прв пат во својата историја ќе игра за медал (за бронза) на Светското првенство.

Противник на Шпанија во финалето ќе биде Аргентина која ја декласираше Франција со 80:66.

Финалето и натпреварот за третото место ќе се одржат в недела во Пекинг.