Connect with us

Други спортови

„Спартанците“ играат за историја, но се крстат во Шведска и Летонија

По поразот од Украина со 3:1 во Запорожје, македонската одбојкарска репрезентација утре од 20:15 часот ќе го одигра клучниот натпревар за пласман на Европското првенство.

„Спартанците“ на домашен терен ќе бркаат максимална победа против Унгарија со 3:0 со која би можеле да дојдат до толку посакуваниот билет и историски пласман на големиот континентален собир. Но, за да дојде до тоа, се прашуваат и Израел и Азербејџан, кои утре нешто порано ќе ги одиграат своите последни натпревари од групната фаза. Израелците ќе ги одмерат силите против Летонија на гостински терен, додека Азербејџан ќе има нешто потешка задача на гости кај Шведска. Овие две селекции ќе мора да загубат доколку нашите одбојкари сакаат да завршат меѓу петте најдобро второпласирани селекции.

За тоа од колку важен карактер е овој меч, говори и изјавата на либерото Дарко Ангеловски.

  • Унгарците не доаѓаат во полн состав, така што ќе дадеме се од себе, ќе изгинеме на терен ако треба за да дојдеме до убедлива победа на овој меч. Точно е дека сме фаворити на хартија, но не одиме на таа карта. Трениравме напорно изминатите неколку дена и верувам дека на крајот сето тоа ќе ни се исплати. Знаеме дека сме во подредена улога, бидејќи многу ни зависат натпреварите помеѓу Израел и Летонија, односно Азербејџан и Шведска, а потоа верувам дека повторно одлуката ќе биде во наши раце. Сигурен сум дека Швеѓаните ќе ни завршат работа со победа против Азербејџан, па затоа нашите погледи ќе бидат насочени кон дуелот во Летонија, за потоа да дојде и нашата историска шанса, па пред нашата публика да обезбедиме пласман до толку посакуваното ЕП, изјави Ангеловски.